Google („Гугл“) наскоро ќе започне кампања против дезинформациите во пет земји-членки на Европската унија, соопшти компанијата за медиумската агенција Reuters пред европските избори и новите и построги правила за он-лајн содржините.
Граѓаните на ЕУ во јуни ќе изберат нов Европски парламент, а претставниците стравуваат дека ширењето на дезинформации на Интернет може да влијае на гласачите.
Франција, Полска и Германија во понеделникот ја обвинија Русија дека формирала елаборирана мрежа на веб-страници за ширење проруска пропаганда.
Европскиот закон за дигитални услуги, кој стапува на сила оваа недела, ќе бара од главните интернет платформи и пребарувачите да направат повеќе за борба против нелегалната содржина и ризиците за јавната безбедност.
Почнувајќи од оваа пролет, внатрешната разузнавачка единица за закани на Google, Jigsaw, објави дека ќе лансира серија анимирани реклами на платформи како Тик Ток и Јутјуб во пет земји-членки на ЕУ: Белгија, Франција, Германија, Италија и Полска. Овие реклами ќе бидат преведени на сите 24 официјални јазици на Европската унија.
Од гледачите на рекламата на Јутјуб ќе биде побарано да пополнат краток прашалник со повеќекратен избор дизајниран да процени што научиле за дезинформациите.
„Prebunking е единствената техника, барем што сум ја видел, која работи подеднакво ефикасно низ политичкиот спектар“, вели Бет Голдберг, прв човек на истражување во Jigsaw.
„Други мерки за контрола на дезинформациите, како што е проверката на фактите, може да придонесат за поларизација бидејќи тие доаѓаат откако информацијата веќе се прошири“, додаде таа.
Истрагата на ЕЕАС (Службата за надворешна акција на Европската унија) во јануари откри 750 инциденти на дезинформации кои намерно се шират од странски актери, од кои многумина ја поддржаа руската инвазија на Украина.