Десет илјади садници, бел и црн бор и костен, денеска се засадуваат на ридот кај прилепско Алиници, до патот Прилеп – Битола, во близина на градската депонија. Иницијативата е на прилепската текстилна индустрија „Комфи Ангел“ чии вработени, заедно со локалната администрација, се во акцијата на пошумување.
Ирена Јакимоска, косопственик на текстилната компанија вели дека ја поддржале идејата што се започнала меѓу вработените и крајно време е да се создаде иднината за нас и за новите генерации. Очекува тој дел од градот да бидат „бели дробови“ и за граѓаните и за природата на која многу ѝ должиме.
– Несебично ја поддржавме идејата на нашиот правник за пошумување и треба да ја покажеме нашата општествена одговорност. Нашата визија е овој рид што го пошумуваме, за 10-тина години да биде, како што популарно велиме „бели дробови“ за граѓаните и за природата. Прво засадуваме 10 000 садници, а следна прилика пак ќе спроведеме акција за целиот рид да биде пошумен. Апелирам граѓаните да ги чуваат и да ги негуваат зашто тоа што останува е пораката за нас и за идните генерации, вели Јакимоска.
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески уверува дека Општината веќе има почнато акции за пошумување.
– Посветени сме и загрижени за состојбата со зелените појаси кои недостасуваат. Им препорачуваме на сопствениците на соседните ниви да ги заштитуваат, да внимаваат, зашто ова е трет обид да се пошуми ридот. Со ова акциите продолжуваат, зашто пред неколку месеци на иницијатива на советот засадивме околу 4 000 садници, рече Јовчески.
Територијално, прилепската е најголема општина, но со најмалку зелени појаси. Има околу 20 проценти, а треба да бидат барем 50 отсто на околните површини. Пецо Јовески, раководител на прилепската подружница „Црн Бор“ на ЈП Национални шуми смета дека треба и поригорозни казни за дрвокрадците и уништувачите на шумското богатство.
– Неопходно е зголемување на граѓанската свест која, за жал, е на ниско ниво. Прилеп иако по територија е најголема општина, има мала покриеност со зелени појаси во околината. Тоа е аларм за што поголема грижа и секоја акција е добредојдена. Голем данок од шумското богатство земаат пожарите, дрвокрадството, негрижата. Мора што поскоро да се промени односот и да се зголеми одговорноста, вели Јовески.