Во Приштина откриена лабораторија за фалсификување документи, запленети илјадници исправи од над 50 земји

Илјадници празни документи за идентификација со ознаки на повеќе од 50 земји ширум светот, вклучително и Србија, биле запленети во Приштина.

Документите биле пронајдени во импровизирана лабораторија за која се верувало дека биле користени за производство на фалсификувани документи. Истовремено, едно лице е уапсено и одредена му е мерка притвор од еден месец, соопшти косовската полиција.

Фалсификуваните бланко документи, како што е наведено, биле откриени минатиот петок кога во Приштина било запрено едно возило при што бил уапсен возачот Ф.К.

Потоа бил извршен претрес во куќа во Приштина, која, според косовската полиција, служела како „лабораторија“ за изработка на фалсификувани документи – пасоши, лични карти и возачки дозволи.

При претресот на оваа куќа биле пронајдени и запленети ласерски машини, принтери, повеќе од 20.000 микрочипови и илјадници документи од 51 земја во светот.

Пронајдени се и празни лични карти и пасоши со идентификација од Република Србија, Обединетото Кралство, Бразил, Мексико, Германија…

На уапсениот возач му е изречена мерка притвор од еден месец.

Отворен е случај за „фалсификување документи“ и „организиран криминал“.