– Русија ќе продолжи сама и преку Агенцијата на ОН за храна да гои помага Авганистан, изјавија руски претставници на денешните разговори со талибанците во рускиот град Казан.
Разговорите со талибанците за регионалните закани се одржуваат во време кога Москва се обидува да го задржи своето влијание во Централна Азија и покрај војната што ја води во Украина. Дискусиите се фокусираа на регионалните закани и создавањето инклузивна влада.
На средбата присуствуваше и специјалниот претставник на претседателот Владимир Путин за Авганистан, Замир Кабулов.
За време на разговорите, беше прочитано писмо од шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во кое се истакнува „целосен неуспех“ на западните земји во Авганистан и се посочува дека тие треба „да го преземат главниот товар за обнова на земјата“.
Талибанците ја презедоа власта во Авганистан во средината на август 2021 година, додека трупите на САД и НАТО хаотично се повлекоа по 20 години масовно воено присуство во азиската земја.
Од 2017 година, Москва е домаќин на разговори со талибанците и со претставници на други авганистански фракции, Кина, Пакистан, Иран, Индија и поранешните советски држави во Централна Азија. На разговорите денеска не беа присутни претставници на другите авганистански фракции.
Претставникот на Кремљ Кабулов претходно изјави дека меѓународното признавање на Талибанците ќе зависи од политиката на нивната влада за обезбедување еднаков пристап до можностите и ресурсите за сите и почитувањето на човековите права.
Авганистанскиот министер за надворешни работи, назначен од талибанците, Амир Кан Мутаки денеска изјави дека другите земји треба да престанат да им кажуваат што да прават.
– Авганистан не им пропишува форми на владеење на другите, затоа очекуваме регионалните земји да се ангажираат со Исламскиот емират, а не да даваат рецепти за формирање влада во Авганистан, посочи Мутаки.
Тој упати покана да се посети Авганистан, каде „туристите, дипломатите, хуманитарните работници, новинарите и истражувачите“ патуваат во земјата без проблеми и слободно се движат.