Во руските напади во различни украински региони повредени 14 лица

– Најмалку 14 лица се повредени во денешните руски напади во различни региони на Украина, вклучително и главниот град Киев.

Серхи Попко, началник на градската воена управа на Киев, преку Телеграм соопшти дека во напад на беспилотно летало во главниот град биле повредени пет лица, а оштетени повеќе од 10 автомобили.

Попко рече дека паѓањето на остатоци ги оштетило и прозорците и фасадите на станбените згради, особено во областа Свијатошински во Киев.

„Се разјаснуваат информациите за предизвиканото разорување и жртвите во сите делови на градот“, рече Попко.

Гувернерот на Харков, Олех Синјехубов, преку Телеграм истакна дека Русија извршила напади во населените области на областите Харков, Купијанск, Чухуив и Изиум.

„Според најновите информации на Регионалниот центар за итна медицинска помош, седум цивили се повредени. Четворица од нив имале полесни повреди и не им била потребна хоспитализација. Три лица се здобиле со умерени повреди и се хоспитализирани“, рече Синјехубов.

Гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко, преку Телеграм соопшти дека двајца жители на Доњецк биле повредени во населбите Шчербинивка и Катеринивка.

Украинската оперативна команда Југ преку Фејсбук објави дека е извршен ракетен напад врз пристанишниот град Одеса.

„Рекетите Kh-22 беа насочени кон складиште на претпријатие за храна и кон рекреативна зона на брегот на Црното Море“, се вели во соопштението, во кое се додава дека спасувачките служби работат на гаснење на пожарите и дека се разјаснуваат информациите за можни жртви.

Во руско-украинската војна, која сега е во својот 14-ти месец, загинале 8.709 цивили, а ранети се 14.666, покажуваат најновите податоци на Обединетите нации (ОН).