– Најмалку две лица загинаа, а 31 се повредени во денешниот руски ракетен напад врз градот Кривји Риг во југоисточниот украински регион Дњепропетровск.
„Двајца загинати … и уште 31 повреден. Со рани, скршеници и повреди од експлозив. Повредени се четири деца. Такви се засега последиците од нападот врз Кривји Риг“, соопшти гувернерот на Днепропетровск, Серхиј Лисак, преку Телеграм.
Лисак истакна дека двајца од повредените се во критична состојба.
Во претходното соопштение Генералното обвинителство на Украина извести дека 25 лица се повредени поради ракетен напад што погодил висококатница и образовна установа.
„Според истрагата, на 31 јули 2023 година руската војска изврши ракетен напад врз градот Кривји Риг. Непријателски ракети погодија висококатница и образовна установа. Според првичните информации, загинати се две лица“, се вели во соопштението.
Меѓу повредените во ракетниот напад има и четири деца, се додава во соопштението, во кое се наведува и дека операциите за пребарување и спасување се во тек и дека се утврдува точниот број на жртви.
„Во последните денови непријателот тврдоглаво ги напаѓа градовите, центрите на градовите, гранатира цивилни објекти и домови. Но овој терор нема да нѐ заплаши или скрши. Ние работиме и го спасуваме нашиот народ“, порача украинскиот претседател Владимир Зеленски преку Телеграм.
Руските власти сѐ уште не се огласија во врска со нападите.