Во САД е одобрена продажба на пилешко од лабораторија, наскоро и во ресторани

Соединетите Американски Држави издадоа лиценци на две компании за продажба на пилешко одгледани директно од животински клетки, со што се отвора патот месото од лабораторијата да влезе во човечка исхрана.

Американското Министерство за земјоделство изврши увид и ги одобри системите за безбедност на храна во објектите на компаниите „Upside Foods“ и „Good Meat“, изјави за агенцијата АФП портпаролот на Министерството.

Компаниите најавија дека производите наскоро ќе бидат достапни во рестораните.

Управата за храна и лекови на овие компании им издала лиценци во ноември, а минатата недела по проверката била одобрена и содржината на етикетите на идните производи.

„Ова одобрување фундаментално ќе го промени начинот на кој месото доаѓа на нашата трпеза. Тоа е огромен чекор напред кон поодржлива иднина – која го зачувува изборот и животот“, рече Ума Валети, извршен директор и основач на Upside Foods.

По одобрувањето, оваа компанија ја доби првата нарачка од ресторанот „Бар Крен“ во Сан Франциско, кој има три Мишелин ѕвезди.