Во Скопје максималната температура е надмината во јули: Измерени се 43,7 степени Целзиусови

Според мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во земјата, месец јули 2025 година е карактеризиран како екстремно топол и многу сув во споредба со повеќегодишните просечни вредности (1991/20), соопшти УХМР.

Просечната месечна температура се движеше од 18,5°С во Лазарополе до 28,5°С во Гевгелија. Во споредба со просечните јулски температури за триесетгодишниот период (1991-2020), овогодишната температура беше за 2,3 степени над националниот просек. Просечната месечна температура во Скопски Зајчев Рид беше 27,6 и беше за 2,9 степени повисока од просекот.

Највисоката максимална температура во земјата е измерена на 26 јули во скопска Гази Баба и изнесувала 43,7 степени. Во овој период, апсолутната максимална температура на воздухот е надмината во скопската котлина од 43,4 до 43,7 степени. Апсолутната максимална температура е надмината и во Скопје. Максималните температури се надминати и во Охрид и Маврово. Во Охрид од 37,5 до 38,1, додека во Маврово од 34,2 до 34,3 степени. Топлотен бран имаше од почетокот на месецот до 8-ми и од 20 до 27 јули, на ниво на држава.

Најниската минимална температура во текот на месецот е измерена во Лазарополе, на 10 јули, и изнесувала 4,4 степени.

Месечните врнежи во земјата во јули се движеа од 0,0 mm во Битолa до 10,7 mm во Берово. Врнежите беа во форма на дожд и град. Максималните дневни врнежи од 8,7 mm се забележани во Берово на 18 јули.

Во споредба со просечната месечна количина за повеќегодишниот период (1991-2020), измерената месечна количина на врнежи била за 87% под просекот на ниво на држава, нагласува УХМР.