Во Собранието почнува расправата за ребалансот на Буџетот

Почнува расправата во Собранието за Предлогот за именување и дополнување на Буџетот за 2025 година во второ читање. Процесот започнува денеска на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.

Општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата ќе трае 10 дена. За Предлог-буџетот се поднесени над 200 амандмани.

Владата го усвои Предлог ребалансот на 19. јуни, а вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата се очекува и натаму да биде на ниво од 2,8 %.

Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска рече дека економската активност во Македонија добива на динамика и забрзува, и дека таквиот тренд ќе продолжи.

„Дисциплинираниот пристап во управувањето со јавните финансии ќе продолжи, буџетскиот дефицит останува непромент и во апсолутен износ и како процент од БДП и е понизок од остваренито дефицит минатата година, внимателен и сериозен пристап применуваме и во управувањето со јавниот долг, а за тоа најважен показател е намалувањето од 36 милион евра регистрирано во првиот квартал од 2025 година“, рече Димитриеска Кочоска.