Во Собранието претрес по Предлог законот за академија за судии и јавни обвинители

Во Собранието на Република Северна Македонија, денеска на пленарна седница, се реализираше претрес по Предлог законот за академија за судии и јавни обвинители.

Пратеници од ВМРО – ДПМНЕ реагираа што работата се туркала по скратена постапка и со европско знаменце, го критикуваа законското решение, потсетуваа на огромната недоверба во правосудството. Златко Пенков рече дека не постои ден без скандал поврзан со функционирањето на правосудниот систем.

-Еден од основните фундаменти и постулати на секоја нормална цивилизирана демократска држава е функционирање на правосудниот систем, нагласи Пенков.

Грација Бакраческа рече дека ова е повторна манипулација со европското знаменце, Предлог законот бил и претходно доставуван неколку пати во Собранието, па повлекуван.

-Целта е да се скратат роковите за постигнување на политичката намера на власта, подвлече Бакраческа.

Александар Велјановски рече дека продолжуваат злоупотребите на извршната власт.

-Генерално, забелешките и на домашната стручна јавност и на меѓународната заедница, се во насока, дека во Република Македонија не владее правото и правната држава, додаде тој.

Дејанчо Ефтимов рече дека правосудниот систем е на дното, кога се испитува јавното мислење и довербата што ја имаат граѓаните. Миле Лефков, пак, истакна дека со ова се има само една мисла, дискреционо да се влијае на влезната точка, каде што влегуваат новите судии и јавни обвинители.

Пратеничката Ане Лашкоска праша како ќе почнат преговорите со Европската унија, кога прво поглавје што треба да се отвори е поглавјето право и правда, а, нагласи таа, ниту еден закон од право и правда околу пет години не е донесен, со заедничко сработување и донесување со огромно мнозинство во Собранието. 

Нејзината сопартијка Ели Панова, пка, додаде дека расадникот на кадри за правосудство, е, а всушност и треба да биде, расадник на надеж на македонското правосудство. -Но, дали тоа може навистина да биде така со еден ваков закон, јас сметам дека не, нагласи Панова.

Пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска нагласи дека добро е што законот предвидува педесет педесет, оценување на квалитетот на кандидатите, писмено и усно, а не само со тестирање и заокружување.

Заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, пак, истакна, дека тие што го критикуваат законот, постојано имаат две забелешки.

-Првата е, зошто е со европско знаменце. Морам да напоменам дека во овој закон се преточени сите препораки на прогрес извештаите што претставуваат клучни приоритети во пристапното партнерство кон Европската Унија, нагласи таа.

Втората работа што се критикува, додаде, е предвидениот претставник од Министерството за правда, во комисијата за приемниот и завршниот испит.

-Мора да знае јавноста дека во овој дел од законското решение, во овие одредби, Министерството за правда ниту еден момент не корегираше нешто што не е ставено во 2006 година, појасни заменик министерката.

За да не се разбере дека се сака да се стави рака врз академијата, таа рече дека во координација со министерот за правда, ја повикува опозицијата да го одбере претставникот од Министерството за правда, кој ќе биде член во комисија за приемен и завршен испит.

Гласањето ќе биде во рамки на продолжението на седницата, што дополнително ќе биде закажано.