– Собранието продолжи со расправата за избор на новите министри предложени од Владата – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина и просторно планирање.
Премиерот Димитар Ковачевски на 104 седница, која што започна вчера, ја побара довербата од пратениците и од јавноста за формирање постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада.
Пратениците од опозицијата потенцираа дека премиерот не кажал ништо за новите предлози за министри и зошто се тие подобри од претходните. Тие обвинија дека тројца од предлозите за министри биле соработници на претходната власт, односно, како што рекоа, „тие што ги напаѓаат за криминал и корупција“.
Во рамки на 104-та седница за владината реконструкција, вчера Собранието ги разреши министрите од Алтернатива, за здравство, Беким Сали, за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи.
На 104. седница треба да бидат разрешени и замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.
На стартот на седницата што почна на 13 февруари, беа констатирани оставките на министрите за правда, Никола Тупанчевски, за животна средина, Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство, Владимир Рендевски и за правда, Агим Нухиу.