Во Собранието се формира меѓупартиската антикорупциска група

На првиот состанок на неформалната меѓупартиска антикорупциска група учествуваа 53 пратеници од власта и од опозицијата.

За копретседатели беа избрани Лупчо Пренџов и Соња Мираковска, кои истакнаа дека групата, меѓу другото, ќе се фокусира на подобрување на законските решенија во областите каде што има и каде постои ризик од корупција.

Групата ќе има и консултативни средби со институциите ангажирани во борбата против корупцијата. Пратениците очекуваат во процесот на борба против корупцијата да се вклучи и граѓанскиот сектор, а велат дека во иднина оваа група може и да се формализира.

„Групата во иднина би се фокусирала пред се на подобрување на законските решенија во областите каде што постои и има ризик од корупција. Оваа група ќе ја следи и ефикасноста на институциите задолжени за борба против корупцијата, како и ќе предлага и ќе учествува во надзорот на институциите со цел да се зголеми нивната транспарентност и отчетност“, рече Соња Мираковска, Демократска Нова социјална партија.

„Ова е сложена тема и да не се изгуби смислата, да бидеме само про-форма, добро е да се фокусираме на приоритетите. И тие ќе бидат одобрени од групата преку консултативни состаноци, веќе закажани за овој петок, со државното тело за ревизија, државната комисија за спречување на корупцијата, платформата за антикорупција“, изјави Лидија Стојкова Сатировска, НДИ.