Опозицијата во Србија вечерва ги повикува граѓаните на нов протест поради нерегуларностите на изборите одржани во неделата, на кои партијата на претседателот на државата, Александар Вучиќ, повторно оствари убедлива победа.
Мирослав Алексиќ, носителот на изборната листа – „Србија против насилството“, втора по освоени гласови во неделата, ги повика опозициските партии, граѓанското општество и граѓаните воопшто да се приклучат на протестите кои бараат поништување на изборните резултати во Белград.
Во неделата Србија гласаше на парламентарни и локални избори во десетина градови, вклучувајќи го и Белград. На национално ниво, според официјалните резултати, Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ има 46,7 отсто од гласовите, а „Србија против насилството“ – 23,5 отсто. Во главниот град предничи СНС со 44,5 отсто од гласовите наспроти „Србија против насилството“ со 38,18 отсто.
Опозицијата ги обвинува властите за изборна измама, вклучително и вметнување гласачки ливчиња и гласање на оние кои не живеат во Белград, а пристигнале во градот со автобус на денот на гласањето. Неколку илјади демонстранти се собраа во понеделник пред Републичката Изборна Комисија на Србија (РИК) за да побараат поништување на резултатите од локалните избори во Белград.
Наводите за изборни нерегуларности во прелиминарниот извештај ги потврдуваат и ОБСЕ, Европскиот парламент и Советот на Европа, кои зборуваат за „купување гласови“ и „полнење гласачки кутии“. Раководството на „Србија против насилството“ ги обвинува државните медиуми дека не известуваат за протестите.
Мариника Тепиќ, која исто како и Мирослав Алексиќ започна штрајк со глад, тврди дека две третини од српските граѓани воопшто не знаат што се случува. Според истражувањето на Канцеларијата за социјални истражувања (БИРОДИ), настапите на Александар Вучиќ за време на изборната кампања заземале околу 40 отсто од времето на вестите на националните канали.