Во текот на 2024 година на наплатните пунктови поминале 62.662.988 возила, евидентираниот приход е над 66,5 милиони евра

На платните места во земјава лани биле регистрирани 62.662.988 возила, додека стапката на наплата изнесува 99,2 отсто.

Јавното претпријатие за државни патишта денеска соопшти дека ја затвори 2024 година со приход од над 66,5 милиони евра по основ на наплата на патарини.

Споредено со 2023 година тоа се за 270 милиони денари или за над 4,32 милиони евра повеќе.

„За да се намали бројот на таканаречените неплаќачи, ЈПДП во периодот од август до декември 2024 година организираше 23 акциски контроли заедно со Државниот инспекторат за транспорт и со помош на Министерството за внатрешни работи, со кои може да констатиравме дека имаме повеќе од успешна година, велат од ЈПДП.

Учеството на електронското плаќање е околу 33 проценти. Од почетокот на електронското плаќање на 03.07.2019 година до 20.12.2024 година продадени се вкупно 242.080 електронски уреди, од кои 203.828 M-smart картички и 38.252 M-tag уреди. За тој период извршени се вкупно 1.842.224 поединечни надополнувања на електронски уреди за различни износи, додека вкупниот износ за дополнувања досега изнесува 3.509.815.300 денари.