Во трагедијата во Кочани се повредени вкупно 178 лица, од кои 77 се на лекување во земјава, а 101 во други земји

Министерството за здравство даде детални информации за состојбата на пациентите во здравствените установи внатре и надвор од државата, согласно утврдените процедури за известување за актуелната состојба.

„Потенцираме дека сите пациенти добиваат соодветна грижа и 24-часовен медицински третман во земјава и во специјализирани медицински центри во странство. Од вкупно 178 повредени, во моментов во јавните здравствени установи во државата се лекуваат 64 пациенти, во релативно стабилна состојба, 13 пациенти се на лекување во приватни здравствени установи, 101 пациент се лекуваат во медицински центри во странство“, соопшти Министерството за здравство.

Во Австрија: Од 6-те пациенти кои биле на интензивна нега, 1 пациент е префрлен на одделение, додека останатите се во тешка, но стабилна состојба.

Во Литванија: 4 пациенти и понатаму се на интензивна нега и во моментов се во стабилна состојба.

Во Србија: Од вкупно 30 пациенти, 11 се во тешка состојба, додека другите се стабилни.

Во Бугарија: 15 пациенти се хоспитализирани, од кои 7 се интубирани, а 6 се оперирани, со стабилни параметри. Двајца пациенти од денеска почнаа да се движат.

Во Словенија: 2 пациенти се хоспитализирани во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана во тешка состојба, но со благо подобрување од вчера.

Во Грција: Од 12 пациенти, 2 се во критична, но стабилна состојба, додека 3 се оперирани. Утрово во Атина пристигнаа нови пациенти кои се хоспитализирани и под опсервација.

Во Белгија и Италија: од 4 пациенти хоспитализирани во секоја земја, сите се во стабилна состојба.

Во Хрватска: 2 пациенти се во тешка, но стабилна состојба, а дополнителни прегледи се вршат на 3 новопристигнати пациенти.

Во Полска: 2 пациенти се на лекување, едниот е екстубиран, додека другиот останува на интензивна нега.

Во Шведска: Денеска се прават подготовки за транспорт на уште 2 пациенти.

„Благодарност до медицинскиот персонал. Искажуваме длабока благодарност до медицинските тимови од странство кои со својата професионална експертиза, заедно со нашите здравствени работници посветено се грижат за повредените пациенти во нашите здравствени установи. Им благодариме на сите општествено одговорни компании за поддршката“, се вели во соопштението на МЗ.