Во Хрватска годишно умираат околу 3.500 луѓе поради загадениот воздух, а градовите кои се најпогодени од ова се Загреб, Славонски Брод, Сисак и Кутина, вели Аљоша Дуплиќ, директор на Институтот за заштита на животната средина и природата.
Како што изјави во интервјуто за Хина објавено денеска на порталот Индекс, континенталниот дел на Хрватска е под најголем притисок во текот на зимата, додека проблемот е помал во лето.
„Се проценува дека во Хрватска годишно прерано умираат над 3.500 луѓе поради лошиот квалитет на воздухот, додека само во Европа, според проценките на Европската агенција за заштита на животната средина, умираат околу 300.000“, истакна Дуплиќ.
Според него, во Хрватска, во 2023 година, Загреб, Славонски Брод, Сисак и Кутина биле под најголем притисок на аерозагадување од лебдечки честички.
„Мораме да бидеме свесни дека имаме многу стар возен парк. Просечната старост на автомобилите во Хрватска е меѓу 13 и 14 години, а имаме и многу голем број на дизел возила. Во Загреб бројот на возила континуирано расте , а сообраќајот е еден од главните извори на загадување на воздухот“, рече Дуплиќ.
Како што наведе, Министерството за заштита на животната средина и Фондот за заштита на животната средина годинава започнале програма за подобрување на квалитетот на воздухот вредна повеќе од 220 милиони евра.
Според планот, ќе се финансираат проекти за возила со нула емисија за оние со голема километража, како што се такси услуги или возила за испорака, во износ од 90 милиони евра, од кои 45 милиони евра не се враќаат, а останатите преку поволни заеми.