Во штипската болница има листа на чекање за елективните операции

 Граѓани од Радовиш и околината на Штип реагираат дека чекаат за операција на жолчка, од штипската болница добиле какошто велат  образложение дека нема доволно медицински кадар. Директорот на Клиничка болница – Штип, Ален Ѓеорѓијев потврдува дека има листа на чекање за елективни операции. Најголем проблем во случајов, посочува тој, е ограничениот број на лекари, односно недостатокот на анестезиолози, со кој се соочуваат на Одделението за анестезиологија.

-Тоа не е хронична болест и поради тоа има простор за одложување на операцијата. Се чека по изготвена листа, кога пациентот ќе дојде на ред, истиот ќе се оперира. Нема анестезиолози и тоа е проблемот за кој веќе алармиравме и со кој се соочуваме изминативе месеци,  вели Ѓеорѓијев.

Ѓеорѓијев во МИА интервју минатата недела откри дека за само два месеци од болницата си заминале 30 вработени, лекари, медицински сестри и друг здравствен персонал, со што болницата работи со сто испразнети работни места. Одделението за анестезиологија,  функционира со само тројца анестезиолози, но лекари специјалисти, медицински сестри, болничари и хигиеничари недостигаат и на Ортопедија, Интерно, Очно, Инфективно и речиси сите останати одделенија. Дел од вработените заминаа во приватното здравство, друг дел се пензионираа. Во последниве две и пол години заминати се сто здравствени работници, а за истиот период нема вработувања.