Во штипска Апелација правда делат само четворица судии

Во највисокиот, второстепен суд во источниот и југоистoчниот регион работат само четворица судии, кои секојдневно се справуваат со предметите, но и со новите кои им пристигнуваат. На веб страницата на Апелациониот суд-Штип може да се види дека има вкупно пет судии заедно со претседателот Тони Делев, но еден од судиите подолго време е на боледување. Делев во видео разговор во прес-центарот на МИА во Штип потврдува дека ситуацијата со недостигот на судии во овој суд е алармантна. Според систематизацијата, потребно е да се пополнети вкупно 16 судиски места во кривичниот и граѓанскиот оддел, но во моментов пополнети се само 25 проценти или една чевртина од судиските места.

-Точно е дека моментално на список имаме пет судии, но морам да кажам дека една од колешките е на подолготрајно боледување и сега во моментов сме четворица судии, заедно со претседателот, односно со мене. Мислам дека овој проблем е повеќе од алармантен, имајќи предвид дека бројот на предметите постојано се зголемува и не можеме физички да одговориме на бројот на предмети што стигнуваат буквално секој ден и ограничени сме на некој начин да ги работиме само итните предмети, коишто не трпат одлагање и во граѓански и во кривечен оддел, вели Делев.

Според моменталната состојба, одлагање не трпат итните предмети и затоа судиите буквално се тркаат со рокови за да не застарат тие предмети. Предност имаат решавањето на жалби за притвори, времени мерки, приговори против платни налози и предмети врзани со стриктни рокови коишто, како што вели Делев, не смеат да се пропуштат. Ваквата ситуација на четворицата судии им создава и дополнителен притисок во работата.  

– Не е исто кога ќе имате редовен прилив на предмети што се распределуваат на поголем број на судии и сега кога кога на еден судија стигнуваат буквално двојно или тројно поголем број на предмети, коишто треба да се решат. Тоа создава притисок за навремено решавање и самото тоа може, иако досега не се случило, да допринесе во некој случај да се избрза со некаква одлука. Тоа е генерално, со секоја професија, вели Делев за МИА.  

Ваквата состојба со пополнетост на само една четврина од судиските места, Делев ја затекнал лани во октомври, кога е назначен за претседател на Апелациониот суд-Штип, иако, како што вели, не е од сега, туку се влече неколку години наназад. Причината е осипување на кадарот, најмногу по основ на пензионирање, а од страна на надлежните судски институции да не се распишуваат огласи за унапредување на судии од основните во апелационите судови.

Во двата оддела, кривичен и граѓански, распоредот на судиските места во моментов е три наспрема еден, односно има тројца судии кривичари и само еден судија за граѓански предмети. Делев вели дека нема Кривичен совет, а освен со менаџирањето на судот, со цел да им помогне на судиите, и тој влегува во судница и одлучува по предметите.

-Секој судија има ориентациона норма, којашто мора да ја заврши во текот на месецот. Можам да ви кажам согласно извештаите што се подготвуваат наназад, моите колеги заедно со мене даваат максимум и да не кажам двојно, па и тројно поголема бројка од она што е предвидено со месечниот распоред и извештај, вели Делев.  

Со 1.200 предмети се справува само еден граѓански судија

Во штипскиот Апелационен суд работи само еден судија во граѓанскиот оддел, а токму најголемиот прилив на предмети пристигнува во овој оддел. Делев за МИА забележува дека овој судија буквално е затрупан со предмети.

– Најголемиот прилив сега се чувствува во граѓанскиот оддел. Во граѓанскиот работи само еден судија и таа колешка ги прима сите граѓански предмети што доаѓаат во судот, што е многу голема бројка. Според последниот извештај, повеќе од 1.200 предмети кај еден судија, тоа е навистина многу. Тука има најразлични предмети почнувајќи од оние типски коишто ги нарекуваат, па во поглед на сопственост, владенија, долгови, стопански и по сите основи така што во секој случај еден судија не може да одговори на овој предизвик, потенцира Делев.

Во кривичниот оддел за нијанса е помал бројот на предмети, но за нивно решавање во моментов има тројца судии. Според Делев, секој предмет си е приказна за себе и е потребно различно време за решавање.  

– Не може да се каже анблок дека за овој предмет или за еден предмет да се земе некоја просечна временска вредност. Секој предмет си има свој специфики, поради коишто се бара повеќе време, повеќе проучување за да може судијата адекватно да одговори на предметот и на жалбите и сослушувањето на двете странки, кои се засегнати со еден предмет, вели Делев во видео разговорот за МИА.

Според првиот човек на штипска Апелација, добра вест е изборот на двајца нови судии. Доколку нема приговори до Врховниот суд, веќе наредната недела се очекува судиите Ѓорѓи Андонов и Тодор Поп Панев да дадат свечени заклетви во Судскиот совет и да почнат со работа, со што во овој суд, вкупниот број на судии кои ќе работат на предмети би бил шест, заедно со претседателот.

Во тек се огласи за уште тројца судии, но тие се стопирани. Иако судската власт е независна, сепак препорака од Државната изборна комисија е да се стави мораториум на постапките, а да продолжат по претседателските и парламентарни избори.

-Во тек се два огласи, за уште тројца граѓански судии, меѓутоа и тие се стопирани со оглед на тоа што се распишаа избори. Знаете, за време на избори не се бираат, сите постапки се стопирани. Очекувам тие постапки да продолжат по изборите, а неопходно е нивно брзо завршување заради тоа што со само тие двајца судии нешто ќе се ублажи. Меѓутоа нереално е да се очекува дека ќе биде веднаш состојбата подобрена или да кажам санирана. Според последниот извештај имаме залиха од 1.450 предмети, а постојано тој број се зголемува. Со таа динамика на прием на предмети буквално мислам дека до крајот на годината ќе имаме над 2.000 предмети коишто создаваат навистина притисок и заостанување, а сепак тоа е одговорност и кон граѓаните за да пробаме да ги решиме што е можно побрзо предметите, истакна Делев.

Што се однесува до недостигот на судски службеници во Апелациониот суд во Штип засега, според Делев, не се чувствува тоа како проблем, со оглед на малиот број на пополнети судиски места.

– Кога би се пополниле судиските места веројатно ќе се увиде дека ни недостасува и технички кадар, стручни соработници, администрација, кои би биле во функција на работата на тие судии, вели Делев.

Прашан за генералната оценка на граѓаните и за недовербата во судството, Делев со одговор дека во ваква ситуација граѓаните имаат право да бидат незадоволни.

– Чекањето на правда е навистина тешко и во таа насока сигурно, како граѓанин би го имал такво чувство.Чекате да ви се реши предметот со години, навистина не е во ред, но се надевам дека со пополнувањето на кадарот, барем ќе одговориме ние што сме во Апелациониот суд Штип. А и другите судови, коишто се на територија на нашето подрачје имаат сериозни проблеми кои се влечат со години наназад. Ситуацијата не е отсега, меѓутоа фактите се тие и од нив во моментов не можеме да избегаме. Бројките што ги има и редовно што ни се доставуваат од страна на основните судови, за жал, ни го укажуваат тоа, подвлекува Делев.

Инаку, во овој суд наскоро ќе се опреми една судница со аудио и видео опрема. Постапката ја води Управниот суд, а ова ќе му помогне на самиот суд во работата. Во видео разговорот за МИА, Делев истакна дека позитивно е и тоа што со поставувањето на фотоволтаичната централа на кровот на Апелациониот суд во ноември лани, сметките за струја се намалени за 50 проценти.

Полупразни и основните судови кои се под надлежност на штипска Апелација

На подрачјето на штипска Апелација има вкупно осум основни судови, од кои три со проширена дејност во Штип, Струмица и Кочани. Податоците од Судскиот совет говорат дека во Основниот суд во Берово според систематизацијата се предвидени тројца судии, но во моментот има избрано претседател од друг суд и еден делегиран судија исто така од друг суд. Во Основниот суд во Виница според систематизацијата предвидени се тројца судии, но има само еден судија и еден претседател од друг суд, со што бројот на испразнети места е вкупно два. Во Делчево правдата треба да ја делат четворица судии, пополнето е само едно судиско место, а празни се три. Во Кочани потребни се 10, од кои четири се пополнети, а две судиски места се во мирување, за нормално функционирање на судот потребни се уште тројца судии. Според систематизација во Основниот суд во Радовиш предвидени се шест судиски места, работат само тројца судии. Во Основниот суд во Свети Николе од предвидените четири места пополнети се половина или има само двајца судии. Во Основниот суд во Струмица со проширена дејност за нормално функционирање потребни се 20, а испразнети стојат осум судиски места и во Штип за оптимална работа на судот предвидени се 19 судии, а празни се шест судиски места.

Претседателот на штипскиот Апелационен суд, Делев потврдува дека во поголемите судови, коишто се со проширена надлежност во Штип, Струмица и Кочани имаат нешто поголем број на судии, меѓутоа, како што вели, и тоа е недоволно за да се совлада приливот.

– Гледаме константно зголемување на предмети, а бројот на судии годинава конкретно се помести малку од мртва точка, поради тоа што се распоредија неколку судии по судовите, меѓутоа и тоа е недоволно. На пример, Основниот суд во Берово со години наназад нема судии, се делегираат судии, во моментот еден од Струмица и еден од Кочани. Овие судии патуваат секојдевно. Во Делчево исто така има само еден судија и уште еден патува од Струмица, посочува Делев.

Тој очекува оваа состојба да се подобри, но со наредните генерации на судии, кои ги следат предавањата на Академијата.