Во јули беа платени 16,5 милиони евра за изградба на автопати во коридорите 8 и 10 д

Во јули годинава, преку Јавното претпријатие за државни патишта, на конзорциумот „Бехтел и Енка“, изведувач на делови од автопатот на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчан и Прилеп-Битола) му беа исплатени 1.022.217.192 денари (16,5 милиони евра).

Според Извештајот за надзор на напредокот, во јули изведувачот продолжил да извршува работи главно за геотехнички истражни работи, проектирање и спецификации на автопати, проектирање на експропријација, активности за истражување на неексплодирани убојни средства, привремени работи за управување со сообраќајот и мобилизациски работи и градежни активности главно за земјени работи, одводнување и конструкции.

Активност има за делниците Тетово-Гостивар (18 километри), Гостивар-Букојчан (30 километри) и Прилеп-Битола (40 километри), додека за четвртата делница Требениште – Ќафтане (22 километри), трасата треба да се преиспита со цел да се одржи заштитениот статус на Охридското Езеро и регионот.

Според Извештајот, моментално се работи на пет моста, четири надвозници и два подвозници. До крајот на јули оваа година, беа ископани 3,2 милиони кубни метри земја и поставени 706.500 кубни метри материјал за полнење.

За време на овие активности, изведувачот вработил 2.172 лица и 1.181 градежна машина заклучно со јули.

Од почетокот на годината, за „Бехтел и Енка“ имало две исплати во април од 599.794.350 денари и 524.972.228 денари, како и една во мај од 681.026.665 и во јуни од 830.336.364 денари. Во исто време, до крајот на минатата година се исплатени 261 милион евра.

Теренските активности согласно Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра се спроведуваат од 22 април 2023 година.