Синдикатот на УПОЗ денеска ќе одржи прес-конференција на која ќе ги изнесат деталите за почетокот на протестите во министерствата, Државниот завод за статистика и државниот Архив. Од денеска ќе се протестира во најмалку четири министерства – економија и труд, правда, администрација и животна средина.
Како што претходно најави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, протестите ќе траат по половина час, од 11.30 часот до пладне, односно во периодот на нивната пауза, а вработените ќе бидат пред зградите на нивните министерства.
Одлуката за штрајк и за протести на вработените во повеќе државни институции и министерства е последица од фактот дека Министерството за финансии не им одобри 30 отсто додаток на плата, односно не ги визираше нивните колективни договори, со кои е врзана исплатата наовој додаток.
Од УПОЗ тврдат дека вработените во овие министерства се дискриминирани во однос на нивните колеги од Службата за општи заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, дел од здравство, образование и финансии кои веќе го добија тој додаток.