Вработените во јавните обвинителства во земјава од денеска стапуваат во штрајк

 Вработените во јавните обвинителства од денеска стапуваат во штрајк, соопшти генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Бојан Трипуноски, од пред Основното јавно обвинителство – Скопје.

Барањата на вработените во обвинителствата се зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто. Штрајкот ќе се одвива пред зградите на сите 28 јавни обвинителства на територијата на државата, нивните холови или сали за состаноци, а како што рече Трипуноски, ќе трае сѐ до исполнувањето на нивните барања. Согласно законските прописи вработените во јавните обвинителства ќе работат само предмети во кои има притвор, претрес или неодложни жалби.

– Нема да дозволиме никакви притисоци врз вработените да извршуваат работни задачи, освен оние кои се итни и неодложни. За почетокот на штрајкот е информиран министерот за правда, кој не најде време да не прими и да ги слушне нашите барања. До сите политички партии во Собранието е испратен амандман со кој се бара во ребалансот на буџетот да се предвидат средства за повисоки плати за вработените во обвинителствата. Спремни сме да ги издржиме сите притисоци, рече генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Бојан Трипуноски од пред Основното јавно обвинителство – Скопје.

Револтот кај вработените во јавните обвинителства се јавува откако Уставниот суд донесе одлука за покачување на платата на функционерите, притоа за вработените во јавните обвинителства ги скрати додатоците на плата кои изнесуваа 35 отсто, за вработените во одделот за организиран криминал, и додатоците од 5 отсто за сите останати. Просечната плата на вработените во јавните обвинителства изнесува 22.000 денари.

Изабела Илиева од синдикалната организација при Јавните обвинителства на Република Северна Македонија, рече дека зголемувањето на платата според општиот колективен договор не е доволна и апелираше до министерот за финансии и до министерот за правда што поскоро да остварат средба, бидејќи како што рече штрајкот ќе се радикализира.

– Проблемите се трупаат со години, но сега сите сме како еден. Штрајкот започна секаде во 7:30 часот. Апелирам до министерот за финансии и до министерот за правда, да нѐ викне што поскоро и да не губиме време, односно да седнеме и да почнеме да се договараме, бидејќи навистина имаме за решавање многу работи. Ако Законот за судска служба е готов, тогаш Законот за јавно обвинителска служба не е ни почнат, ние не сме викнати да разговараме за тој закон и да ги кажеме нашите специфичности. Обично прават „копи-пејст“ на Законот за административна служба, рече Илиева од пред Основното јавно обвинителство – Скопје.