Новата директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, денес извести дека во институцијата има кризна состојба оти претходната директорка Сања Лукаревска незаконски донела одлуки и акти поради кои сега имаат хаос во организирањето на работата. Неправилностите веќе ги констаирале Државната комсија за спречување корупција и Државниот инспекторат за труд.
„Во моментот јас сум соочена и треба да извршам наредба на Трудовиот инспекторат, со која ми се наложува поништување на одлуката со која претходната директорка на УЈП во февруари им ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат да работат до склучувањето нови договори според новите интерни правилници. Поништувањето на оваа одлука сега значи и поништување на сите нејзини правни последици, односно ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишувањето на изборите, што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисока плата со промена на нивниот статус. Најмногу засегнатите, вработени од УЈП, сега се изложени на трпење последици од одлуката на претходната директорка на УЈП, но вработените во УЈП се најмалку виновни за настанатата криза. Затоа преку соработка со синдикатите се обидуваме заеднички да најдеме решение кое ќе има најмалку последици за кој било вработен во УЈП“, вели директорката Петрова.
Поништувањето на старите и потпишувањето на новите договори со сите вработени во УЈП, Петрова вели дека се одвивало во текот на изборниот процес и со задоцнување оти во согласност со Законот за УЈП актите требало да бидат донесени до 3 ноември 2023 година, а донесени се на 9 февруари годинава.
„Согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација за овие правилници била издадена врз основа на своевидна манипулација и вметнување работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети. Уште повеќе, согласноста е издадена истиот ден, 9 февруари, кога министерот што ја потпишал бил разрешен, што е морален и политички хазард. Ова фрла црна дамка врз целиот процес“, рече Петрова.
Таа смета дека целиот процес на усогласување на вработените во УЈП по статус и плата ја изгубил смислата поради лошо менаџирање, ненавремено и постапување надвор од законските рокови, а потоа непромислено и избрзано постапување, формални и правни неправилности и незаконитости.