Основниот суд во Прилеп изрече условна казна затвор од две години против вработен во прилепската болница, кој помеѓу август 2024 и април 2025 година незаконски проневери 2.110.640 денари (близу 35 илјади евра) собрани од пациенти.
Како што соопшти Управата за финансиска полиција, службеното лице од Општата болница на ИЈЗ „Борка Талески“ – Прилеп сторило кривично дело проневера во служба, согласно член 354 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Иако обвинетиот ги врати средствата, судот го прогласи за виновен и му изрече условна казна од две години, која нема да ја отслужи доколку не стори ново кривично дело во следните четири години.
„Овој случај е дел од поширока истрага на Управата за финансиска полиција, која со месеци го анализира финансиското работење на прилепската болница и во исто време ја потврдува нашата посветеност на борбата против корупцијата и злоупотребата на јавните средства. Враќањето на парите не ослободува од одговорност, правдата мора да биде еднаква за сите.“
„Штетата на јавниот буџет, особено во здравствениот сектор, е неприфатлива и секој обид за прикривање или игнорирање на ваквите дејствија претставува закана за довербата на граѓаните во институциите“, соопшти Управата за финансиска полиција.