Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ, во рамки на парламентарната кампања денеска ја обвини ДУИ дека се обидува да создаде политичка криза, продолжувајќи го времето на техничката влада.
„Плашејќи се од поразот кој несомнено ја чека, ДУИ штотуку го загуби компасот. Затоа, нивната единствена цел е да предизвикаат политичка криза, да ги спасат корумпираните од своите редови, обидувајќи се техничката влада да продолжи повеќе од 100 дена. Целите на Али Ахмети беа јасни и ВРЕДИ ја предупреди јавноста од моментот кога со кандидатурата на Бујар Осман, ДУИ намерно го спречи Арбен Таравари да влезе во вториот круг од претседателските избори”, рече Изет Меџити, ВРЕДИ.
Европскиот фронт денеска најави дека со нивното доаѓање на власт ќе има договор за економската рамка за развој на економијата на земјата.
„По Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, дојде време за голем договор, поточно договор за економски консензус, Економски рамковен договор. Овој договор има за цел да обезбеди рамка за еднакви можности во функционална слободна пазарна економија, со фер конкуренција и правичен регионален развој и инфраструктура која создава еднакви можности и економии за сите учесници„, рече Елми Азири, Европски фронт.
Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ денеска од Кочани вети низа проекти за овој град.
Синоќа претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ја интегрира земјата во ЕУ.
Сашко Јанчев од Левица за време на нивната активност во Прилеп рече дека Македонија го нема луксузот да ги задржи истите политичари кои се на сцената 30 години.
Од Движењето ЗНАМ денеска најавија мерки во борбата против криминалот и корупцијата.