Коалицијата „Вреди“ има заменик-директор во Агенција за национална безбедност и тоа е институција која според програмата на Владата се предвидува да се спои со Агенција за разузнавање, велат од оваа владејачка коалиција по обвинувањата од ДУИ дека е скандалозно што нема назначување на албански кадар во Агенцијата за разузунавање. Од „Вреди“ додаваат и дека лицемерно е опозициската ДУИ да обвинува за недоволна застапеност на Албанците во безбедносните служби.
„Еве ги фактите. Талат Џафери, министер за одбрана, нула Албанци застапени во армиската единица “Волци”. Талат Џафери – технички премиер, армиски старешина Албанец претепан зошто реагирал за селективниот конкурс во ’Волците’. ДУИ, преку Бујар Османи во 2019 бараше од тогашниот претседател Стево Пендаровски да ја преиспита одлуката за именувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенција за разузнување. Затоа, овој плач на ДУИ не е за застапеноста на Албанците во институциите, туку затоа што Груби, Бујар, Крешник и компанија ги изгубија привилегиите“, порачаа од „Вреди“.
Вчера претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова го разреши директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, како и неговата заменичка Александара Бакреска-Додовска, а ја назначи Габриела Јаковлева за директорка и Ивана Стојановска за заменик-директорка на институцијата.
Муслиу реагираше дека е сменет како резултат на политички притисоци, а од ДУИ порачаа дека по укинувањето на „Балансерот“ , случувањата во Агенцијата за разузнавање се нов скандал.
„Ваквите одлуки само ја докажуваат инфериорноста на вазалите кои без ниту еден услов и без легитимитет на народот станаа дел од оваа Влада која ќе остане запаметена по враќањето на времето на институционалната дискриминација и угнетувањето на Албанците како во времето пред 2001 година“, соопштија од ДУИ.