ВРТОГЛАВА СУМА НА ПАРИ – Владата на Велика Британија објави колку пари потрошила за погребот на кралицата Елизабета II

Владата на Велика Британија потроши 161,7 милиони фунти (204 милиони американски долари) за државниот погреб на кралицата Елизабета II, објави денеска Министерството за финансии на оваа земја.

Откако кралицата Елизабета почина на 8. септември на 96-годишна возраст, земјата прогласи 10 дневна жалост, која заврши со погребот на 19. септември.

Околу 250.000 луѓе дојдоа во Вестминстерската сала, каде беше изложен ковчегот, за да и оддадат почит на најдолговечната кралица.

Приоритет на Владата беше настаните поврзани со погребот да се одвиваат непречено и со соодветно достоинство, а во исто време безбедноста на граѓаните да биде загарантирана во секое време“, напиша министерот за финансии Џон Глен во писмото до парламентот.

Најголем дел од парите, 73,7 милиони фунти, доби МВР, надлежно за одржување на редот и националната безбедност.

Полицијата на Лондон на улиците распореди досега најголем број полицајци, соопштувајќи дека станува збор за нивната најголема безбедносна операција во историјата.

На погребот се собраа бројни светски лидери и монарси. Полициското обезбедување беше посилно отколку на Олимписките игри во 2012 година и на прославата на платинестиот јубилеј на кралицата.

Велика Британијакралица Елизабета IIЛондонсмрт