Полуматурантите кои на првото пријавување во јуни пред десет дена не се запишаа во средно образование за учебната 2025/2026, ќе имаат втора можност за упис на второто електронско пријавување овој месец – в понеделник, 30 јуни. Потребната документација до училиштата ќе се доставува наредниот ден (1 јули), а ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 2 јули до 12 часот.
Според податоците на Министерството за образование и наука собрани од училиштата, за второто јунско пријавување има слободни 16 034 места за упис на ученици – 10 758 за настава на македонски јазик, 4781 на албански наставен јазик, 474 на турски и 21 слободно место за настава на српски јазик. За гимназиско образование има 3727 слободни места и 12 307 за стручно образование.
По првото аплицирање, спроведено од 14 до 17 јуни, вкупно се запишале 13 712 ученици од 16 601 пријавени. Од нив, 10 172 ученици се запишани за настава на македонски јазик, 3 248 за албански, 279 за настава на турски и 13 ученици за српски јазик.
Како и во последните неколку години, стручното образование е попривлечно за учениците, така што на првиот јунски уписен рок над двојно повеќе ученици се запишале во стручни училишта (9469) отколку во гимназиите (4243).