„Хеликоптер за извидување прави проценка, каде и во кој правец се шири пожарот на територија на три општини Чешиново-Облешево, Пробиштип и Кочани“, информира Симеончо Стоиков, лице за односи со јавност на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) – Кочани.
Симеончо Стоиков вели дека на терен се со две возила, а мобилизирани се и кочанските пожарникари.
Претходно директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информираше дека огнените јазици се на сто метри воздишна линија од село Врбица, а во кое живеат пет жители.
Симеончо Стоиков од ДПД-Кочани посочува дека последната информација е дека огнот се доближува и до селото Рајчани, а пожарникарите од ТППЕ-Пробиштип се кај селото Трипатанци. На помош ги очекуваат и доброволните пожарникари од Пехчево.
Во гаснењето на овој пожар, кој зафати сува трева, нискостеблести растенија и шума на територија на три општини од воздух учествуваат и ер тракторот на ДЗС и два полициски хеликоптери. Според Симеончо Стоиков синоќа дојавата за овој пожар е пристигната во 22 часот во ТППЕ-Кочани од селото Лепопелци.