– Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, вчера соопшти дека оваа есен новиот командант на КФОР на Косово ќе биде турски генерал и дека тоа ќе биде првпат Турција да командува со мировната мисија на НАТО.
„Најголемиот контингент на НАТО на Косово, во составот на КФОР, ќе биде од Турција. Првпат командант на КФОР доаѓа од Туркије“, рече Вучевиќ за Радио-телевизија Србија (РТС), не именувајќи за кој турски генерал станува збор.
Тој нагласи дека на Србија не ѝ одговара никаков судир со Турција бидејќи тоа не е национален интерес на Србија.
„Турција е голема држава, сила и има значајно политичко и економско влијание на просторот на Западен Балкан и ние мора да гледаме да имаме што подобри односи со Турција“, нагласи Вучевиќ.
Тој укажа дека турската воена касарна во Призрен е именувана по султанот Мурат и оцени дека тоа е силна асоцијација за сите луѓе на Балканот.
Според официјалните податоци на НАТО, од 4.511 војници на КФОР, 789 се од Турција, додека од САД се 679.
Процените укажуваат на тоа дека до крајот на годината бројноста на турскиот контингент во КФОР би можел да достигне 1.000 војници.