Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Токио изјави дека е „благодарен“ на Руската служба за надворешно разузнавање за информациите за можен обид за насилна промена на власта на годишнината од падот на настрешницата во Нови Сад, наведувајќи дека српските безбедносни служби дополнително ќе контактираат со своите руски колеги во врска со овие наводи.
Во врска со вчерашното соопштение на Руската служба за надворешно разузнавање, во кое се обвини Европската Унија и нејзините членки за подготовка на „Мајдан“ во Србија на 1 ноември, Вучиќ им рече на новинарите дека Белград „секогаш внимателно ги анализира изјавите“ на таа агенција, „дури и кога ја критикува“ неговата влада за испраќање муниција во Украина, и дека „секогаш одговара на руските партнери и спроведува одредени мерки“.
„Оние што ја организираа обоената револуција ќе мора да направат последен обид да ја преземат власта со сила. Не се сомневам дека оние што ја организираа обоената револуција не можат само да се откажат. Вложени се премногу пари, па затоа ќе мора да направат последен обид да ја преземат власта со сила. Ние сме подготвени за тоа долго време“, рече Вучиќ.