Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во телефонски разговор му ја честиташе изборната победа на српскиот претседател Александар Вучиќ. Како што соопштија од Дирекцијата за комуникации на турскиот претседател, во разговорот станало збор и за односите меѓу Турција и Србија, како и за глобални и регионални прашања.
Ердоган рече дека силните односи и соработка меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во наредниот период, се вели во соопштението на Дирекцијата објавено на платформата „Х“.
Ердоган беше меѓу првите странски државници кои му честитаа на Вучиќ по објавувањето на резултатите од изборите во Србија одржани на 17 декември.
Тој тогаш оцени дека изборните резултати уште еднаш потврдиле дека народот цени сè што континуирано правите за благосостојбата и развојот на Србија.
„Убеден сум дека во овој тежок и чувствителен период низ кој минува целиот свет, нашата блиска соработка ќе продолжи да придонесува за регионалниот мир и стабилност. Верувам дека мојата посета на Белград, која ќе ја реализирам во наредниот период. дополнително ќе ги зајакне нашите односи и дека тоа ќе биде можност опширно да разговараме за билатерални и регионални теми“, напиша Ердоган.