– Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Сремска Митровица изјави дека обоената револуција пропаднала, дека Србија победила и дека Србија никогаш нема да биде поразена.
Во Сремска Митровица се одржа собир насловен „Се среќаваме кај Сретење“, по повод одбележувањето на Денот на српската државност. На собирот во Сремска Митровица со акламација беше усвоена Народната декларација за Војводина.
„Целта на оние од надвор кои се тоа го организираа не е да го соборат Вучиќ, туку Србија. Целта е да се урне Србија затоа што тие сакаат Србија да не биде економски напредна. Тие сакаат Србија да биде слаба во регионот, сакаат Србија да не може и да не ѝ помогне на Република Српска. Тие сакаат Србија која клекнува и се извинува и за злосторствата што ги извршени врз нејзиниот народ“, истакна Вучиќ обраќајќи им се на илјадниците граѓани собрани во Сремска Митровиќ.
Тој тврдеше и дека Србија е „загрозена однадвор и нападната одвнатре“. Рече дека тој „не е истиот човек“ од уривањето на настрешницата на зградата на Железничката станица во Нови Сад и упадот во градското собрание на Нови Сад.
„Не сум истиот човек како пред 110 дена. Од она уривање и упадот во Градското собрание на Нови Сад на 3. ноември и се она што го правеа во последните 110 дена“, рече Вучиќ.
Рече дека веќе три години од Србија се бара да воведе санкции кон Русија, нагласувајќи дека Србија е суверена држава која сама одлучува кога и кому ќе воведе санкции.
„Не сакаме да воведуваме санкции кон Русија. Сакаме пријателство со Кина. Сакаме да одиме во Европа. Но, вие треба да нѐ почитувате онолку колку што ние ве почитуваме вас. И ништо друго не бараме“, подвлече Вучиќ.
„За нашата Србија, која ја сакам повеќе од животот, ќе се борам како што не ни сонувале, со поголема сила од кога било. Ќе дадам сѐ од себе. Обоената револуција пропадна, јавете им. Насекаде јавете им, победи Србија и никогаш нема да ја победат Србија“, порача Вучиќ.
Тој истакна дека новата српска влада нема да биде онаква каква што би сакале „оние кои сакаат да спроведат обоена револуција“. Според него, таа „ќе ги штити интересите на Србија и ќе има најмалку 50 % нови министри бидејќи нѝ се требни промени“.
Тој порача дека барањата на студентите се исполнети и ги повика уште еднаш да размислат за својата иднина.
„Уште еднаш ги повикувам студентите да размислат за својата иднина. Мојата доверба во нив е многу поголема отколку во оние кои ги натераа да го направат ова. Прогласете победа, исполнети ви се сите барања. Вратете се во клупите, на оваа земја ѝ е потребно знаење“, рече Вучиќ и додаде:
„Ја уништивте и ми ја симнавте насмевката од лицето. Нема да дозволам да ја уништите Србија. Ќе се борам додека сум жив, со сета своја сила за нашата Србија, за нашето Косово и Метохија. За Војводина, не во Србија, Војводина е Србија. Ве повикувам се она што вечерва го говоревме, низ еден историски контекст до закључокот дека Војводина е Србија, и Србија е Војводина, со акламација да го прифатите тука. Верувајте ми, ќе се борам како што тоа не сте го виделе досега. Ќе видат човек нераскинлив и непоколеблив.“
Милорад Додик, претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС), рече дека РС и Србија го здружуваат српскиот народ и дека Србите од РС не се „од оваа или онаа страна“, туку, како што рече, големи Срби.
„РС и Србија го здружуваат српскиот народ. Јас за себе, заедно со Ацо, српскиот претседател Вучиќ, мојот брат, сметам дека сме големи Срби и ред е, се разбира, на тоа да го посветиме и нашето политичко дејствување“, рече Додик.
За време на својот говор, тој го пофали српскиот претседател Вучиќ со зборовите дека „ја издигнал Србија до височините, дека повеќе не е слаба и немоќна“ и дека ќе го „гледа и слуша“ Вучиќ.
„Дојдов овде да кажам дека некои од Сараево велат дека Србија има некаква експанзија кон РС и дека наводно сака да ја анектира РС. Морам да ги демантирам. Не, ние од РС сакаме да бидеме Србија. Тоа е нашата цел“, рече Додик.
Додик ги праша присутните „Дали сте за тоа српскиот државен врв да дозволи и да го прогласи секој Србин, каде и да е, за државјанин на Србија?“, што наиде на овации од толпата.
Додик својот говор го заврши пеејќи делови од песната „Не ни може никој ништо“.