Српските десничарски организации одржаа протестен митинг во Нови Сад, а Српската радикална партија (СРС) на Воислав Шешељ одржа годишно собрание на нивната градска организација, каде беше кажано дека „Нови Сад е најсилното радикално упориште во Србија“, објавија соседните веб-портали во неделата.
„Косово денеска, утре Војводина“, „Александар Вучиќ, оставка и избори!“ беа пораките на транспарентите на неколку стотици учесници на митингот организиран од десничарските опозициски партии и организации: Двери, Движење за обновување на Кралството Србија, Заветници, Нова демократска партија на Србија и други.
„Ако денеска го браниме Косово, ќе ја браниме и Војводина“, изјавил Борко Илиќ од Заветници, објавија соседните медиуми.
На собирот на нивните поддржувачи била пуштена песната „Подгответе се, спремете се четници“.
„Подгответе се, подгответе се, би било добро време за почеток, бидејќи тоа не очекува во наредниот период. Подгответе се да го урнете овој режим. Треба да се направи само едно за да се спаси оваа држава, а тоа е Александар Вучиќ да поднесе оставка“, изјавил претседателот на Новата ДСС, Милош Јовановиќ.
На митингот биле повторени и претходните барања, меѓу кои основното е да не се прифати договорот меѓу Србија и Косово, а неколку пати било кажано дека – „тука не се брани само јужната српска покраина, туку и северната – Војводина“.
Митингот, кој се одржа во центарот на Ново Сад без инциденти, во одделни изјави го осудија Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ), Акцијата на прогресивна Војводина и претседателот на покраинската Влада и претставник на владејачката Српската напредна партија (СНС) Игор Мировиќ.
ЛСВ им порача на екстремните десничари дека „не ни помислуваат да ја бранат Војводина како што го бранеа Косово или некои други делови од поранешна Југославија“, бидејќи „таму каде што таквите ги бранеа Србите, нема повеќе Срби“.
Организацијата „Акција на прогресивна Војводина“ предупреди дека лидерите на десничарските партии се обидуваат да создадат немир меѓу граѓаните на Војводина со закани дека Војводина ќе се соочи со косовското сценарио и дека – „ако Косово замине, утре може и Војводина“.
Независно од собирот на десничарските организации, во сабота во Нови Сад се одржа Собранието на градскиот комитет на Српската радикална партија на Воислав Шешељ. Тие се залагаат за укинување на секој облик на автономија на Војводина и нејзините симболи.