Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потврди дека српските безбедносни служби откриле присуство на тројца руски државјани во кампот „Сунчана Река“, кој се наоѓа помеѓу Лозница и Мали Зворник.
Тој додаде дека се приведени и лица од српска националност кои им биле достапни на истражните органи и дека истрагата продолжува.
„Исто така, притворивме и српски државјани кои ни беа достапни. Тие ни дадоа информации за тоа за кого станува збор, а истрагата продолжува. Тие сè уште се во притвор“, рече Вучиќ.
На заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Вучиќ изјави дека етноселото „Сунчана Река“ се користело како место за борбена обука на странски државјани и дека оваа обука, според него, имала за цел да предизвика немири во Молдавија.
„Како што реков, во овој случај во тој камп биле присутни и тројца руски државјани. Тоа е она што можам да ви го потврдам“, рече Вучиќ, додавајќи дека не може да тврди дека руските служби стојат зад тој камп, но дека истрагата е во тек.
Кон крајот на септември, српското Министерство за внатрешни работи објави дека две лица се уапсени во близина на Лозница поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело организирање учество во војна или вооружен конфликт во странска земја.
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, уапсените Л.П. (1988) и С.С. (1978) се обвинети дека организирале борбено-тактичка обука за државјани на Молдавија и Романија, која, според сомневањата, имала за цел да ги обучи за давање поефикасен физички отпор на молдавските полицајци во случај на немири за време на денот на изборите во таа земја, закажани за 28 септември годинава.
Како што е наведено, ЛП ја организирал и финансирал обуката што се спроведувала во ресторан во близина на Лозница, додека СС е обвинет дека му помогнал во тоа.
Според сомневањата, обуката се спроведувала во периодот од 16 јули до 12 септември, а учествувале помеѓу 150 и 170 граѓани на Молдавија и Романија.