Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по седницата на проширениот колегиум на Генералштабот во касарната „Бањица 2“ најави враќање на редовната воена служба.
Како што рече, денес се одржа еден од клучните состаноци за промените што ќе следат во армијата.
„Ги менуваме доктрините според кои нашата армија ќе биде многу, многу посилна, но не ми е дозволено да ги откривам деталите“, рече Вучиќ.
Враќањето на задолжителната воена служба во Србија е тема која интензивно се разгледува и најавува веќе некое време.
Во јануари 2024 година, Генералштабот на српската армија поднесе иницијатива за повторно воведување на задолжителна воена служба, предлагајќи времетраење од четири месеци.
Во септември 2024 година, Вучиќ потврди дека се согласува со предлогот за задолжителна воена служба во траење од 75 дена.
Премиерот Милош Вучевиќ изјави дека задолжителната воена служба треба да започне во септември 2025 година, а првата класа војници ќе биде формирана напролет следната година.
Сепак, законот за враќање на воената служба сè уште не е донесен.
Задолжителната воена служба ќе важи за мажи до 30 години, додека жените сè уште ќе имаат можност за доброволна служба.