Вучиќ по разговорот со Путин објави: Еве што ќе се случи со енергијата и гасот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес, по средбата со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, изјави дека соработката со Русија на највисоко ниво е исклучително важна за Србија.

– Соработката на највисоко ниво со Русија во сите области е многу важна за Србија и се надевам дека ќе имаме можност не само да зачуваме, туку и да подобриме некои аспекти од нашата соработка. Енергијата е особено важна за нас, а снабдувањето со гас е од големо значење за стабилноста на нашата земја – рече Вучиќ.

Тој истакна дека благодарение на гасоводот до Унгарија, Србија ја подобрила соработката со Русија во областа на енергетиката, како и дека дополнителни чекори напред ќе бидат постигнати во енергетскиот сектор со изградбата на нафтовод меѓу Србија и Унгарија.

„Добредени се сите руски компании, сите оние кои сакаат да учествуваат во инфраструктурни проекти во Србија, вклучувајќи ги РЖД, Росатом и многу други“, рече Вучиќ.

Вучиќ му се заблагодари на Путин за можноста за средба и му се заблагодари за гостопримството за време на приемот во Моксва на 9 мај.

„Дозволете ми да ја изразам мојата лична благодарност за вашето почитување и поддршка за зачувување на територијалниот интегритет на Србија и да ви се заблагодарам за вашиот пријателски став кон српскиот народ“, рече Вучиќ.

Претседателот Вучиќ денес се сретна со Путин во рамките на повеќедневната посета на Народна Република Кина, каде што ќе присуствува на одбележувањето на 80-годишнината од победата во Втората светска војна на покана на кинескиот претседател Си Џинпинг.

Како што истакна, разговорите со Путин отворија простор за дополнително зајакнување на партнерството во клучните сектори, вклучувајќи ја енергетиката, инфраструктурата и билатералните односи.

На средбата на двајцата лидери беше разговарано за широк спектар на теми – од гасниот аранжман и снабдувањето со нафта, преку големи инфраструктурни проекти, до подобрување на политичката и економската соработка меѓу Србија и Русија.

Без санкции

Српскиот претседател Вучиќ денес на почетокот од средбата со рускиот претседател Путин изјави дека Србија е во многу тешка ситуација и под голем притисок од почетокот на украинската криза, но дека без оглед на тоа, успеала да ја задржи својата принципиелна позиција.

„Сакам да ве информирам дека Србија е во тешка ситуација и под голем притисок од почетокот на украинската криза. Сепак, успеавме да ја зачуваме нашата принципиелна позиција и да ја одбраниме независноста на Србија“, истакна Вучиќ.

Тој истакна дека денес Србија е единствената земја во Европа која не вовела никакви санкции кон Руската Федерација и дека ќе ја зачува својата неутралност во иднина.