– Во Белград вечерва се одржа седница на Претседателството на владејачката Српска напредна партија (СНС), на која присуствуваше и лидерот на партијата Александар Вучиќ. На неа се расправаше за актуелната политичка ситуација, за највениот митинг на 26 мај во Белград и за собранието на СНС закажано за 27 мај во Крагуевац, на кое треба да се донесе одлука дали СНС ќе се приклучи на новото движење, иницирано од Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
-До вечерва успеавме да собереме точно 20.000 парчиња различно оружје и минско-експлозивни направи. Тоа е најголемиот успех што можеше да направи Србија после големите трагедии и таа акција продолжува со несмалено темпо. Ова веќе не е незначителна количина на оружје. Денеска сме побезбедни за толку оружје и за милион куршуми, нагласи Вучиќ.
Вучиќ рече дека се разговарало и за ситуацијата на Косово, компромисот и заштитата на виталните интереси на земјата, како и за економската состојба.
Тој смета дека СНС е „партија на јадрото“, а ако ги загуби изборите на четири години, ќе има 12 години доминација. Важно е партијата да се подготви, со ново раководство да одговори на новите предизвици, да се подмлади, а (на собранието) на 27 мај делегатите ќе донесат одлука дали СНС ќе се приклучи на движењето и ќе учествува во тоа движење и да биде негова голема сила, изјави Вучиќ.
Зборувајќи за закажаниот митинг на 26 мај, тој рече дека „за нас тоа не е митинг на СНС или контра митинг, бидејќи за тој ден нема закажани митинзи“, дека тоа е собир на сите луѓе во Србија кои се погодени од она што се случи, но кои бараат излез за земјата.
-Ова е митинг за оние луѓе кои сакаат да ги поддржат оние кои ги загубија своите најблиски, рече тој и додаде дека тоа не е митинг на протест, на гнев и дека не смее да биде митинг на омраза, „туку спротивно од она што некои други го прават“.