– Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема намера да ѝ нареди на армијата да ја премине границата со Косово, додавајќи дека ќе ги повлече силите од областа бидејќи, како што наведе, ескалацијата на конфликтот би била контрапродуктивна кога станува збор за аспирациите на Србија да стане членка на Европската Унија (ЕУ).
Вучиќ рече дека тоа нема да биде од корист за Белград и дека со тоа ќе ја уништат позицијата што, како што рече, ја граделе една година.
„Да се уништи тоа за еден ден? Србија не сака војна“, наведе Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, во петокот ја изрази загриженоста на Вашингтон поради, како што рече, „големото распоредување српски војници по должината на границата со Косово“, повикувајќи го Белград да ги повлече своите сили, пренесува Анадолу.
Кирби рече дека САД го „набљудуваат големото воено распоредување на Србија по должината на границата со Косово“, кое се одвиваше во текот на изминатата недела, вклучително и натрупување на напредна артилерија, тенкови и механизирани пешадиски единици.
Вучиќ, како што пренесуваат српските медиуми, додаде дека предупредувањата на Вашингтон се непропорционални бидејќи се намалува бројот на припадниците на српските сили на теренот.
Владата на Косово во неделата соопшти дека бара Србија веднаш да ги повлече сите воени единици од границата на Косово.
Во текот на вчерашниот ден воените единици на српската армија ги поставија своите воени капацитети, како и оние на жандармеријата преку 48 предни оперативни бази, кои се поставени преку граничниот премин со Република Косово, на неколку километри на територијата на Србија. Има и противвоздушни системи, како и тешка артилерија“, се вели во соопштението на косовската Влада.
Се тврди дека распоредувањето го загрозува територијалниот интегритет на Косово и меѓународното воено присуство во земјата.
„Многупати го свртевме вниманието и загриженоста кон постоењето на овие 48 предни воени бази и српската жандармерија и го истакнавме сега потврдениот факт дека овие бази се користат за поддршка на можен агресивен воен напад врз Република Косово“, се вели во соопштението.
Во нападот на група Срби на 24 септември, предводена од потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, беше убиен косовски полицаец, а потоа и косовската полиција, како што рече, во „антитерористичка операција“ ликвидираше четворица напаѓачи и уапси уште шестмина. Другите, како и Радоичиќ, побегнаа во Србија.