– Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Србија в понеделник ќе поднесе барање во писмена форма за одржување итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, по одлуката на Централната банка на Косово според која еврото е единствената платежна валута.
Вучиќ истакна дека знаат дека тука не е крајот, и дека се надева дека ќе се одржи посебната седница.
„Денеска, припадниците на полицијата (заб. ав. на косовскиот премиер Албин) Курти упаднаа во привремените органи во Пеќ, Гораждевац, Исток и Осојан. Истовремено упаднаа во Здравствениот дом во Осојан, го затворија, ги малтретираа луѓето и претураа по работите“, рече Вучиќ на почетокот на своето обраќање до јавноста.
Додаде дека нападнати се сите српски енклави на Косово по одлуката за укинување на динарот, и дека „досега со најсилен удар се заканува прогон на Србите, протерување на Србите од нивните вековни огништа“.
„Што се однесува до укинувањето на динарот, од првиот Бриселски договор до принципите потпишани во 2015 година, до сите подоцнежни договори, во секој од тие акти, најзначајна норма е правото на Република Србија да финансира одредени активности, здравството, образованието, пензиите за српското население на Косово и Метохија, што требаше да се прави преку Заедницата на српски општини“, рече Вучиќ.
Додаде дека Курти самоиницијативно ја донел одлуката за укинување на динарот со цел:
„Таа цел е етничко чистење на српското население од територијата на цело Косово и Метохија или како што во Конвенцијата за геноцид стои формулацијата: Намерно подложување на Србите на неподносливи услови за живот.“
Претседателот на Србија рече дека постои дијалог бидејќи Косово не е меѓународно правно призната држава како што тие тврдат. Тој ја коментираше реакцијата на Западот во врска со најавата за укинување на динарот, наведувајќи дека Соединетите Американски Држави по ова прашање имале посилно соопштение од Европската Унија.
Истакна дека денеска почнале исплатите на платите, пензиите и социјалните надоместоци, и дека до 12 часот се исплатени околу пет милиони евра, и дека исплатите ќе продолжат и в понеделник.
Како што рече Вучиќ, еврото не е законско платежно средство во Косово, и не постои ниту еден акт што би го овозможил тоа.
Изнесувајќи податоци за тоа колку Србија издвојува за исплати на Косово, Вучиќ им порача на граѓаните дека не треба да се грижат и дека државата ќе направи сѐ тие да ги добијат своите примања и дека ќе изнајдат методи и начини.
„Нивниот единствен начин да победат е ако нема Срби на Косово и Метохија, а ние ќе дадеме сѐ од себе Србите на Косово и Метохија да опстанат“, порача Вучиќ.
Тој рече дека ќе продолжат да работат и да разговараат со меѓународните партнери, дека негови писма в понеделник ќе добијат претставниците на земјите членки на Европската Унија и институциите на ЕУ, и претседателите и премиерите на сите земји членки на Советот за безбедност на ОН.
Српскиот динар од крајот на војната во 1999 година беше во употреба во Косово во средините каде живее мнозинско српско население, кое прима плати, пензии, социјална помош или други видови надоместоци од буџетот на Република Србија. Првиот вицепремиер за европска интеграција и дијалог на Косово, Бесник Бислими, изјави дека еврото било и останува единствената валута во Косово.
Претходно, портпаролот на Европската Унија, Петер Стано, наведе дека Европската Унија е загрижена за последиците што одлуката на Централната банка на Косово може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници поради отсуството на претходни консултации, особено поради нејзиното влијание врз училиштата и болниците, со оглед на очигледното отсуство на алтернатива во овој момент.
Говорејќи за други актуелни прашања, претседателот на Србија рече дека во петок на 1 мај ќе започне изградбата на националниот стадион кој според него „ќе биде најубав во Европа, а според некои можеби втор најубав во Европа“.
Истакна дека Србија „со мудра политика, сила, чекајќи ги вистинските моменти ќе ги одбрани и оствари своите витални национални и државни интереси“.