Вучиќ: Србија ќе направи сѐ за да ги зачува мирот и стабилноста

– Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денес дека во разговор со премиерот на Холандија, Марк Руте, и премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, ветил дека Србија ќе направи сѐ за да ги зачува мирот и стабилноста.

Вучиќ на прес-конференцијата рече дека малку е исплашен, а говорејќи за властите во Приштина додаде дека никогаш во својата политичка кариера не видел толкав степен на неодговорност.

Тој додаде дека Србија „ќе ја разгледа работата“ и за тоа ќе ги информира своите партнери.

Вучиќ истакна дека во сегашната фаза на дијалогот меѓу Белград и Приштина нема надеж дека ќе видат формирање заедница на српски општини.

Тој рече дека Бриселскиот договор сè уште не е имплементиран „во најважниот дел што се однесува на формирањето на заедницата на српски општини“.

„Тоа беше предуслов за да се исполни сѐ друго. Во оваа фаза нема надеж дека ќе видиме формирање заедница на српски општини“, рече Вучиќ.

Руте рече дека растечките тензии меѓу Србија и Косово, насилството врз цивилите, новинарите, мисиите на Европската Унија и НАТО во Косово ја загрижуваат ЕУ.

Тој посочи дека Србија и Косово мора да преземат чекори кон деескалација, а потоа и кон нормализација на дијалогот под покровителство на ЕУ.

Руте изјави дека стабилните односи, како и владеењето на правото, заштитата на малцинствата, слободата на медиумите и борбата против дезинформациите се од суштинско значење за двете земји и нивната европска интеграција.

Холандскиот премиер објасни дека сите договори меѓу Белград и Приштина подразбираат формирање заедница на српски општини и нагласи дека тоа ќе биде тема на разговор утре во Приштина.

Рече дека ова прашање е дел од „поширок пакет предлози“ и дека ЕУ ќе се занимава со ова прашање, „за што е потребна работа од двете страни, но ние се трудиме да бидеме колку што е можно понеутрални и да не кажеме – тој или таа се виновни и ние не сме ничија помош“.

Руте додаде дека по неговата посета на Косово ќе каже дали е оптимист дека сегашната ситуација може да се реши.

Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, истакна дека е важно да се смират тензиите меѓу Белград и Приштина.

Потсети дека постои мапа на патот што ќе доведе до деескалација на ситуацијата на Косово, подготвена од специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.

Бетел оцени дека зборовите се добри, но делата се уште подобри и истакна дека е важно да се постигне успех.

„Разговаравме за тензиите. Ова, сепак, е буре барут. Важно е тензиите да се смират и да се почитува патоказот. Треба да се избегнуваат ескалации. Ги охрабривме разговорите меѓу Белград и Приштина, потребни се директни акции“, порача Бетел.