Постојат повеќе нивоа на проверка на усогласеност на законите, вклучувајќи ги и тие преку Европската унија, а Северна Македонија треба да се погрижи нејзините законите да бидат усогласени со европските стандарди и очекувања, порача заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа, во врска со измените во Кривичниот законик.
„Што се однесува до конкретните информации за измените во Кривичниот законик, се што можам да кажам е дека постојат повеќе нивоа на проверка на усогласеноста на законите, вклчувајќи и преку ЕУ. Тоа би значело дека Северна Македонија треба да се погрижи нејзините закони да не бидат само во согласност со Уставот, туку и со европските очекувања и стандарди“, вели Габриел Ескобар во интервјуто.
На прашањето дали САД се задоволни од борбата против корупцијата во Северна Македонија во контекст на измените во Кривичниот, со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената должност, Габриел Ескобар нагласува дека корупцијата е најголем проблем за сите земји од Западен Балкан.
„За почеток би кажал дека корупцијата е најголем проблем за државите од Западен Балкан и мислам дека сите земји можат да направат повеќе (во борбата против корупцијата), вклучувајќи ја и Северна Македонија. И тоа е една од причините зошто доследно се залагаме за тоа државата да ги спроведува реформите кои ЕУ ги бара од неа“, изјави Габриел Ескобар.
Тој вчера во интервју за Voice of America истакна дека Северна Македонија игра многу важна улога во процесите во регионот. Исто така изрази загриженост поради тоа што Западниот Балкан се развива во „две брзини“.
„Од една страна има членки на Северноатлантската алијанса кои се многу посветени на својот НАТО и европски пат. Тука се и преостанатите три кои се борат со потешкотии. За време на моите средби со нив, доследно им пренесував дека САД го поддржуваат нивниот евроатлантски пат. Би сакале и сакаме сите тие да ги решат внатрешните и регионалните разлики што ги спречуваат да напредуваат“, потенцира тој.
Прецизирајќи го одговорот, тој укажа на, како што истакна, важната улога на Северна Македонија во актуелните процеси.
„Ние сме им благодарни за нивното регионално лидерство, и за нивното проевропско предводништво. Како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), мислам дека Северна Македонија постојано се докажува како одличен партнер. Во оваа смисла, би сакале да ја видиме и во Европската Унија. Албанија имаше одличен пристап кон членството во Советот за безбедност, во билатералните односи, како и со НАТО“, појасни Габриел Ескобар.