Компаниите кои добија поевтина субвенционирана струја од државата се соочуваат дека ќе останат без субвенции доколку не ги намалат цените на производите, во рок од 10 дена.
Владата нема да се двоуми да ги укине субвенциите, а парите наменети за оваа мерка ќе им ги даде на граѓаните.
„Од над 200 производители на основни прехранбени производи, само мал дел ги намалија цените, и тоа за денар или 2. На прсти се бројат и компаниите чии производи поевтинија од 7 до 13 отсто. Државниот пазарен инспекторат на терен проверува дали трговците ги почитуваат законите. За 10 дена казнети се 150, кои треба да платат 86 илјади евра“, соопшти Горан Трајковски директорот на Пазарна инспекција на социјалните мрежи.
Тој посочи дека државниот пазарен инспекторат веќе работи на извештајот кој ќе покаже кој ќе остане без поволноста да плаќа 80 евра за мегават потрошена електрична енергија.
Со намалувањето на цените на бензините се очекува уште поголемо намалување на производите
Откако голем број на компании добија субвенционирана сума од државата, намалени се цените и на другите инпути во производството и пласирањето на производи како цената на гасот и нафтата, што треба да повлече дополнително поголемо намалување на цените на производите за крајните потрошувачи.