Ганг: Страните во Украина треба да создадат услови за мировни преговори

– Страните вклучени во украинскиот конфликт треба да создадат услови за мировни преговори, бидејќи не постои друг начин за решавање на оваа криза, изјави денеска кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг за време на средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров на маргините на конференцијата за ситуацијата во Авганистан што се одржува во Узбекистан.

„Не постои чудесен лек за решавање на кризата. Секоја страна треба да биде предводник и да работи на постигнување взаемна доверба, како и да создаде услови за мировни преговори и прекин на непријателствата“, рече Ганг.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека во текот на разговорите биле разгледани низа актуелни прашања, меѓу кои и ситуацијата во Авганистан и Централна Азија, како и интегративните процеси во евроазискиот простор.