Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, денеска на прес-конференција изрази сериозна загриженост за актуелната состојба со управувањето со отпадот и јавните услуги во неговата општина, нагласувајќи дека граѓаните се изложени на ризик од ширење на епидемии.
„Сме во 21 век, а се давиме во отпадоци. Чаир е дом за над 60 илјади граѓани кои заслужуваат основни услови за живот“, истакна Ганиу.
Во контекст на ова, Ганиу ја повика градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, да не дозволи да биде инструментализирана од структурите на ДУИ и да преземе итни мерки за решавање на проблемите со отпадот. Тој посочи дека Општина Чаир има подготвен план за чистење и дезинфекција, но дека е потребна соработка со Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ за негово спроведување.
„Чаир нема долгови кон Градот. Имаме подготвен план за чистење и дезинфекција – доволно е Градот да не блокира“, додаде Ганиу.
Ганиу ги критикуваше и политичките партнери од Сарај за водење на политичка кампања на грбот на граѓаните, нагласувајќи дека ваквите дејствија не се во интерес на жителите на Чаир.
Во своето обраќање, Ганиу ги спомена и неисполнетите ветувања од страна на Градот, вклучително и изградбата на парк, булеварите, бесплатниот јавен превоз и инвестициите во Старата скопска чаршија.
„Граѓаните на Чаир заслужуваат подобри услови за живот и ние ќе продолжиме да се бориме за нивните права“, заклучи Ганиу.
Оваа изјава на Ганиу доаѓа во време на зголемени политички тензија и меѓупартиски конфликти, што дополнително ја комплицира состојбата со управувањето на јавните услуги во Скопје.
Градоначалничката Арсовска досега не се огласила во врска со повикот на Ганиу, но се очекува нејзина реакција во наредните денови.