Европејците генерално се отворени за идејата за пристапување на Украина во ЕУ, и покрај трошоците и ризиците, но има мала поддршка за можно проширување на блокот со вклучување на Грузија и Западен Балкан. Ова се резултатите од истражувањето објавено од британскиот весник „Гардијан“ .
Анкетата покажува дека поддршката за влез на Украина била најголема во Данска (50%) и Полска (47%), со поделени мислења во Романија (32% за, 29% против), Германија (37% за, 39% против) и Франција. (29% за, 35% против). Во Австрија опозицијата била 52 отсто, пренесува Телеграф Македонија.
45% од испитаниците се загрижени дека пристапот на Украина ќе има негативно влијание врз безбедноста на ЕУ, наспроти 25% кои сметаат дека тоа ќе го подобри, додека 39% сметаат дека влезот на Киев негативно ќе се одрази на безбедноста на нивната земја.
Многу Европејци не гледаат економска корист од членството на Украина. Додека 43 отсто од испитаниците во Полска и 37 отсто во Романија забележале позитивно влијание врз економијата на ЕУ, 54 отсто во Данска и 46 отсто во Австрија предвиделе дека ќе има трошоци со членството на Киев во ЕУ.
Постои јасна поделба меѓу „старите“ и „новите“ земји-членки на ЕУ во однос на проширувањето. Испитаниците во Австрија (53%), Германија (50%) и Франција (44%) велат дека ЕУ не треба да прифаќа нови членки. Спротивно на тоа, во Романија мнозинството (51%) и во Полска (48%) сметаат дека ЕУ треба да се прошири.
Анкетата покажа силно противење на можноста Турција да се приклучи на ЕУ, при што 51 отсто од испитаниците во шесте земји се против идејата и помалку од еден од пет испитаници поддржуваат каков било чекор напред кон членството на Турција.
Анкетите покажаа дека Европејците имаат студен однос кон членството во ЕУ на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија, Црна Гора и Србија, со поддршка од помалку од 30%.
Поддршката за членство е најмала за Косово, со 20% „за“ и 37% против, Албанија (24% „за“, 35% против), Србија (25% за, 35% против) и Грузија (25% за, 31 % против).
За Северна Македонија, 26% од испитаниците се „за“ за влез во ЕУ, додека 27% се против, за Босна и Херцеговина (28% „за“, 29% против), за Молдавија (30% „за“, 28 % против ) и за Црна Гора (30% „за“ и 25% против) членство во ЕУ.