Задоволни сме од работната група за измена на законите за полесна набавка на лекови, изјави за МИА, претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар, по денешната средба во Министерството за здравство.
– Работната група составена од претставници на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, од јавни набавки, како и од Владата, работи брзо и посветено. Се работи на промена на трите закони. Како Асоцијација, ова е тоа што го баравме и засега, сметаме оти процесот ќе има позитивен исход, подвлече Гаспар.
Тој повтори дека се работи на системско решение, не само за нив, туку и за други проблематики како нивните.
– Мојата надеж е дека нема да излезат многу препреки и оти за брзо време ќе се излезе со предлог-закон што ќе може да оди во Собрание, додаде Гаспар.
Тој потсети дека со интервентниот увоз на лекот „трикафта“, неопходен за лицата со цистична фиброза, нема проблеми, тој е порачан, а сега се чека компанијата да ја заврши нејзината работа.