Повеќето луѓе консумираат значително помалку растителни влакна од препорачаното – иако е јасно дека исхраната богата со растителни влакна може да има моќно влијание врз здравјето. Влакната ја поддржуваат функцијата на цревата, помагаат во варењето на храната, го намалуваат ризикот од хронични заболувања, промовираат здрава тежина, па дури и можат да придонесат за подолг живот. Иако сите зборуваат за протеини или јаглехидрати, внесот на растителни влакна останува важен и често се занемарува.
Значи, кога станува збор за здравјето на цревата и варењето, едно овошје особено се издвојува – малините. Според гастроентерологот д-р Вил Булсиевич, малините може да бидат најдобриот избор за здравјето на цревата.
„Голем обожавател сум на малини – вкусни се. Како бомбони се – не знам како можат да бидат толку здрави – но се“, рече тој во видеото.
д-р Булсиевич објаснува дека приближно 120 грама малини содржат околу седум грама влакна. Покрај влакната, малините се богати со витамин Ц и полифенолни антиоксиданси.
,,Верувале или не, иако содржат шеќер, покажано е дека бобинките го намалуваат ризикот од дијабетес тип 2 – а кај оние кои веќе го имаат, можат да помогнат во неговото враќање“, додава гастроентерологот.
Малините се богати со растителни влакна, но имаат малку FODMAP, јаглехидрати кои често предизвикуваат проблеми кај луѓето со чувствително варење, пишува EatingWell.
„Со други зборови, ако имате проблеми со варењето и сакате да ја обновите цревната флора, треба да уживате во малините“, вели д-р Булсиевич.
Тој препорачува малини во закуски, смутија и слично – тие лесно се вклучуваат во вашата дневна рутина.
Ако сакате да го подобрите здравјето на цревата, малините се одличен избор, но тие не треба да бидат ваш единствен извор на растителни влакна.
,,Една од петте најважни работи што можете да ги правите секој ден за здравјето на цревата и целокупното здравје е да јадете разновидна исхрана базирана на растенија – вклучувајќи интегрални житарки, здрави масти и протеини“, заклучува д-р Булсиевич.