Парламентарното мнозинство е стабилно, но може да се зголеми и да биде над 70 пратеници, изјави денес претседателот на Собранието Африм Гаши на прес-конференцијата по повод едногодишнината од овој парламентарен состав. Сцената е расчистена, додаде тој, и се знае како Собранието ќе продолжи со својата работа.
„Можно е да се зголеми. Зборуваме за над 70 пратеници… Во оваа ситуација зборуваме за околу две третини од Собранието“, рече Гаши, нагласувајќи дека за нив е поважно поголем број пратеници да се приклучат на искрената посветеност за подигнување на животниот стандард.
Гаши рече дека Собранието ќе го ратификува договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, што подразбира инвестиции од шест милијарди долари во конкретни проекти.
„На повидок е успешна година, која очекуваме да влијае врз сите граѓани“, рече Гаши.
Во врска со уставните измени, тој го повтори ставот дека е потребна предвидливост на процесот за да се осигури дека тој нема да биде двостран. Гаши рече дека на сите средби во странство и со странски претставници се бара поддршка за да нема повеќе никаква блокада на почетокот на нашите преговори со ЕУ.
Гаши додаде дека по повод една година од овој парламентарен состав, Кабинетот на претседателот подготвил извештај кој може да се види на веб-страницата на Собранието.