Гаши – фон дер Лајен: Економска интеграција на единствениот европски пазар пред интеграција во ЕУ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамките на нејзината тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, е во посета на земјава. На средбата присуствуваше и заменикот на генералниот секретар на Собранието, Бобан Стојаноски.

Посакувајќи и добредојде во Собранието во име на пратениците, претседателот Гаши истакна дека оваа посета ја разбира како поддршка и афирмација на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат.

Понатаму истакна дека за Македонија, како земја кандидат, Европската Унија не е само политички и економски блок, туку претставува посветеност на вредностите како демократијата, владеењето на правото, човековите права и солидарноста.

Истакна дека и кога земјата се соочувала со најголемите предизвици, граѓаните не се поколебале во однос на членството во ЕУ.

Нагласи дека слоганот на ЕУ „обединети во различностите„ најдобро ја опишува Македонија, а изрази и благодарност за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој ветува значително подобрување на економскиот и социјалниот развој на државите во регионот и нивна поголема интеграција во ЕУ.