Претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе ја предводи собраниската делегација од денеска до 5 октомври во Анкара, Турција.
Во состав на делегацијата, како што информира собраниската прес-служба, се Бејџан Иљас, претседател на пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Турција, членовите на оваа група Никола Мицевски и Мерита Колчи Коџаџику, како и пратениците Оливер Спасовски и Беким Сали.
Делегацијата од македонското Собрание денеска ќе се сретне со проф. д-р Ерол Озвар, претседател на Советот за високо образование.
За утре, според најавите од собраниската прес-служба, планирана е средба со д-р Селим Аргун, вршител на должноста претседател за верски прашања, тет-а-тет средба на Гаши и Нуман Куртулмуш, претседател на Големото национално собрание на Турција, како и средба помеѓу делегациите.
Во рамки на посетата предвидено е Гаши да се обрати на пленарна сесија на Генералното собрание, средба со Кадир Озкаја, претседател на Уставен суд, средба со Хакан Фидан, министер за надворешни работи на Република Турција и прием кај Реџеп Тајип Ердоган, претседател на Република Турција.
За во петок, пак, планирано е обраќање на претседателот на македонското Собрание Африм Гаши пред студентите на Универзитетот Мармара, како и средба со македонски кои престојуваат во Истанбул.